Совршено месо на скара: Најдобриот рецепт за кебапчиња

ИЗВОРСкопје24
|

Ви претставуваме неколку трикови и рецепти за совршено месо на скара.

Машина за мелење месо

Доколку сакате сами да направите мелено месо за на скара, потребна ќе ви биде машина за мелење месо, или доколку немате, ќе може избраните парчиња да ви ги измелат при самото купување во месарницата. Месото за скара потребно е да се исече на покрупни коцки, а потоа да се измеле два пати.

Пред да го измелете вториот пат, месото би требало да го измесите со раце, за смесата добро да се врзе. Според некои стари рецепти, би требало да додадете и малку овчја лој, бидејќи тоа добро го врзува месото. Но, доколку самото месо е помасно, тоа ќе биде сосема доволно.

Сето тоа би требало да го направите ден претходно, бидејќи најдобро е смесата да отстои преку ноќ, пред да биде подготвена за печење.

Какво месо да употребите?

Кога станува збор за видот на место, постојат разни комбинации. Можете да пробате само со јунешко, но познавачите кажуваат дека најдобро е кога ќе се додаде уште некој вид на месо. Еве два предлози:

– 500 гр јунешко месо, 250 гр свинско и 250 гр јагнешко месо

– 500 гр јунешко месо и само 250 гр свинско или 250 гр јагнешко месо

Што уште да додадете?

Од зачините неизбежни се солта и мелениот бибер, а може да додадете и други зачини доколку сакате месото да добие специфичен вкус. За таа цел можете во смесата да додадете малку иситнет магдонос или магдонос во прав, а многу скараџии додаваат и кромид и лук. Наша препорака е во смесата да додадете 2 до 5 проценти многу ситно исечкан кромид. Зачините можете да ги додадете помеѓу првото и второто мелење.

Некои мајстори додаваат и презла, односно стар измелен леб, за месото да добие подобра текстура. Секако, доколку го правите за себе, нема да сакате да добиете на количина туку на квалитет, па немојте да додадете повеќе од 5 до 10 проценти.

Мали трикови

Во делот на подготвената смеса можете дополнително да додадете чадена сланина или некое друго сушено месо, како и истолчена сува пиперка. Така ќе добиете гурмански уштипци или плескавици, во зависност од тоа како сакате да го обликувате месото.

Кебапчињата можете да ги правите со раце, кои претходно треба да ги измастите со масло.

За време на печењето ви препорачуваме да набавите неколку гранчиња свеж рузмарин и малку маслиново масло. Гранчињата потопете ги во маслиново масло и премачкајте го месото додека се пече, кога веќе ќе биде речиси готово.