Сребрен медал и две олимписки пофалби за македонскиот тим на Европската јуниорска олимпијада по информатика

ИЗВОРНов Лист
|

Еден сребрен медал и две олимписки пофалби добија учесниците на македонскиот тим на Европската јуниорска олимпијада по информатика што се одржува онлајн под домаќинство на Украина.

Дамјан Давков од Штип со освојување на сребрениот медал влезе во историјата како првиот добитник на оваа награда за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика која се одржува веќе шест години по ред.

– Македонските тимови при досегашните учества на оваа олимпијада имаат освоено 3 бронзени медали, а успехот на јуниорите ветува дека во иднина ќе имаме и одлични натпреварувачи за интернационалните натпревари на средношколско ниво, велат од Здружението на информатичарите на Македонија.

Покрај сребрениот медал за Дамјан, одличје олимписка пофалба освоија и Никола Стојковски и Владимир Грчев.

– Тимот кој ја претставува нашата земја е составен од учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), информираат од здружението.

Годинава пред македонските информатичари се и Балканска олимпијада по информатика, на почеток на октомври, во Букурешт, Романија и Европската олимпијада за девојки во Анталија, Турција во втората половина на октомври.