Кога дома ви е средено, доаѓа до позитивни промени и кај вас самите. Раскревајќи ги старите предмети, создавате простор за нови нешта, а тоа ве полни со верба.
Најлесно ќе се ослободите од старите работи кои ви прават најголем неред по дома ако прво ги ставите во кутии – така може да ги донирате, или да ги фрлите.
За да се справите со нередот, подгответе четири кутии кои ќе ги искористите по следниот редослед:
Кутија бр. 1: Нешта што повеќе не може да ги користите!
Ако сакате да се ослободите од нешто што не ви треба, запрашајте се дали сè уште го користите и дали некогаш може да ви послужи. Ако одговорот е не, ставете го во првата кутија. Направете исклучок доколку се работи за предмет што навистина ве прави среќни. Во тој случај тој може да остане во домот.
Внимание! Не фрлајте сметки и документи во занесот на расчистување. Ставете ги заедно со другите документи и потоа подредете ги.
Кутија бр. 2: Нешта кои можеби некогаш ќе ви затребаат
Во втората кутија ставајте ги нештата што можат да му служат некому. Донирајте ги или продадете ги (преку Интернет или на пазар). Ако не сте сосема сигурни и сакате да зачувате некој предмет, запрашајте се дали тој ве прави среќни.
Внимание! Најдобро е да се постави рок до кога ќе ја чувате оваа кутија. По рокот, фрлете ја во ѓубре, во спротивно овие работи ќе останат во вашиот дом бесконечно долго време.
Кутија бр. 3: Сеќавања од минатото
Љубовните писма, школка од првиот одмор со сопругата, првата макета на вашиот син – постојат работи што ги сакаме, но не мора да бидат низ целата куќа. Ставете ги во третата кутија и чувајте ги на безбедно место.
Внимание! Такво „богатство“ не мора да биде секоја разгледница што сте ја добиле. Зачувајте го само она што ви е од особена вредност.
Кутија бр. 4: Нешта со кои сè уште не знаеме што да правиме
Иако се прашуваме што да правиме со нив, многу е тешко да донесеме конечна одлука за многу нешта. На пример, кога станува збор за поскапи, убави парчиња облека кои ни се стесниле.
Внимание! Ставете одреден датум на четвртата кутија, да речеме шест месеци од денот на складирање. Ако нешто од ова не ви затреба во рок од половина година, ослободете се и од сите нешта во оваа кутија и тоа без исклучок.