Нема учебници по биологија и хемија за здравствената струка, а според она што официјално за МКД.мк ни го одговорија од МОН, хартиени учебници нема да има, туку средношколците ќе можат да ги најдат онлајн. Е сега, за вашето дете да не учи од мобилен телефон, овие два учебници треба да се испечатат, што ќе ве чини околу 1.200 денари.
Нема доволно ниту учебници по странски јазици. За нив МОН уверува дека дел ќе бидат дистрибуирани до крајот на септември, а дел дури откако ќе бидат склучени договорите со компанијата што ќе ги печати учебниците.
Учебниците по биологија и хемија за Здравствена струка ги има на е-учебници и учениците имаат пристап до нив. Во однос на прашањето за учебниците по странски јазици, дел од учебниците се веќе дистрибуирани, дел сѐ уште се дистрибуираат и тоа ќе заврши најдоцна до 30.9., додека за дел од учебниците не беше склучен договор со економскиот оператор, што значи дека училиштата тие учебници ќе ги добијат по склучувањето договор со компанијата што ќе ги печати (француски јазик за 1. година, англиски за 2. година, англиски, француски и италијански јазик за 3. година, како и француски и италијански за 4. година.)“, се вели во одговорот од МОН за МКД.мк.
Учебници немаат ниту основните училишта, а дел од оние што недостигаат, како што велат од МОН, ќе бидат дистрибуирани наскоро.
Во врска со дистрибуцијата на учебници за основно образование, дистрибуирани се сите одобрени учебници за 1., 2., 4. и 5. одделение, а во тек е дистрибуцијата за новоодобрените учебници за 3. одделение, и тоа на сите наставни јазици. За учебниците од 6. одделение, согласно со новата концепција за основно образование, постапките се при крај и наскоро и тие учебници ќе бидат во училиштата. Учебниците од 7., 8. и 9. одделение, односно оние што МОН ги набавува со откуп на тиражи веќе се испорачани, додека учебниците за кои МОН е издавач ќе бидат дистрибуирани наскоро во сите училишта што побарале учебници“, додаваат од МОН.