Средношколскиот сојуз не отстапува од закажаниот протест в понеделник (31 август) и покрај тоа што со вчерашната одлука на Владата почетокот на учебната година е одложен за еден месец односно за 1 октомври. Сојузот бара почетокот веднаш да биде со комбиниран модел на настава, а не онлајн, во општините кои немаат многу заразени.
Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи за МИА изјави дека учебната година да почне на 1 октомври бил нивни предлог кога нивни претставници беа на средба во Владата, затоа што сметале дека треба да има повеќе време надлежните да подготват комбиниран модел на настава за кој тие се залагаат.
Според објавените протоколи инаку наставниот процес во училиштето е предвидено да се одвива во период од 07:00 часот до 20, е една од точките во протоколите за одвивање на наставната програма со физичко присуство во училиштата, кои денес ги објави Владата, откако одлучи учебната година да почне на 1 октомври, наместо на 1 септември.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека препорака на здравствените власти е да има физички присутни деца од првите три одделенија.
„Ако епидемиолошката состојба остане стабилна, ќе дозволиме постепено враќање со физичко присуство и на други одделенија. Целта е децата да имаат комбинирана настава, но сето тоа постепено да се воведува“, кажа Филипче.
Од 1 октомври во школо ќе одат само учениците од прво до трето одделение, а ќе има задолжителна онлајн настава за учениците од четврто до деветто одделение и за средношколците од прва до четврта година. За исклучоците од четврто основно до четврта средно кои би оделе во школо, Владата денеска одлучи да формира работна група со претставници од Министерствата за здравство и за образование и од Канцеларијата на премиерот, која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на ковид-19 по поднесени барања од основачот на училиштето за организирање настава со физичко присуство.
Како што објави Владата денеска, моделот за организирање и спроведување на наставата за учебната 2020/2021 година во вакви услови предвидува комбинирана настава со одредени исклучоци. Задолжителното физичко присуство на учениците од прво до трето одделение опфаќа и исклучоци за оние ученици за кои родителите ќе наведат прифатливи причини за нивните деца да биде организирана онлајн настава.
Вториот исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното, овозможува настава со физичко присуство само во оние училишта во кои бројката на ученици по паралелка не надминува 20, каде што е можно остварување на вториот услов за физичка дистанца од 1,5 метри меѓу учениците, и со обезбедени санитарно – хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во протоколите.