Од ЈСП Скопје за Телма потврдија дека средношколците и по последниот училишен час во јуни ќе може бесплатно да го користат градскиот превоз низ главниот град.
-Средношколците ќе имаат право на бесплатен превоз и за време на летниот распуст, согласно Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование во 2023 година, која, меѓудругото, вели “со почетокот на 2023 година учениците од средните училишта на Град Скопје ќе имаат можност да користат бесплатен превоз и за време на зимскиот и летниот распуст и на овој начин непречено да ги извршуваат своите училишни обврски за посетување на феријална пракса и практикантска обука…“, ни одговорија од ЈСП Скопје.
Претходните години, средношколците кои имаат и обврски од наставата или за усовршување, односно работат како практиканти се соочуваа со проблеми бидејќи бесплатните билети за градскиот јавен превоз не важеа за време на распустот.