ССК: Арбитражата недоволно искористена од малите и средни компании

ИЗВОРСкопје24
|

Арбитражата е еден од најдобрите и најбрзите начини за решавање на стопанските спорови, но за разлика од користењето на арбитражата во светски рамки, кај нас се уште е мал бројот на решени спорови по пат арбитража  кои произлегуваат од деловни односи помеѓу компаниите, но и  институциите, истакна потпретседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Александар Милошевски, на денешната прес конференција.

„Деловната зедница е динамична и му е потребен соодветен механизам за решавање на споровите и побрза наплата на своите побарувања во пократок рок, со помали трошоци.  Ефикасноста во решавањето на предметите на странките по пат на арбитража им овозможува заштеда на трошоци, заштеда на време и поголема сигурност во постапката. Брзината е една од најголемите предности
на арбитражата, споровите се решаваат вообичаено во рок од 3 до 9 месеци, при што се избегнуваат сите непотребни формалности и долгите судски спорови. Предност, исто така е што  арбитражната е конечна, без можност за жалба, се гарантира повеќе автономија на страните и секако, повеќе автономија во предметите од меѓународен карактер што се изразува преку изборот на апликативното право и процедуралните правила.  Квалитетна  арбитражната постапка  е од голема важност за сигурноста на сите инвеститори во нашата земја“, истакна Милошевски.

Тој додаде дека во последните години, расте трендот на компаниите при склучување на договорите да  вметнуваат клаузула за решавање на деловните спорови по пат на арбитража како алтернатива за спогодбено надминување на спорот, но не доволно.  Во таа насока потребна е поголема афирмација на арбитражната постапка како на приватниот сектор, така и во договорите со јавниот сектор особено при склучување на јавно – приватно партнерство каде е предвидено и користење на арбитража со посочување по кое право ќе се одлучува.

„Позитивно е тоа што во последните години се зголемува свеста за договор на странките за користење на арбитражата, особено кога станува збор за договори на домашни и странски големи компании, како и при договори на јавно – приватно партнерство, но евидентирано е дека малите и средни компании недоволно ја користат арбиражата.  За таа цел неопходна е афирмација за користење на арбитражата на сите нивоа и меѓу компани и институции за спорови за кои нема предвидено исклучителна судска надлежност. Предноста е тоа што и двете странки можат да изберат експерти кои ќе работат на спорот и со тоа ќе ги избегнат долгите спорови пред националните судови. Во светот 80 проценти од стопански спорови се решаваат по пат на арбитража, во САД и до 90 проценти од споровите завршуваат на арбиража“, појасни Милошевки.

Сојузот на стопански комори смета дека неопходно е актуализирање на арбитражното решавање на спорови, дополнително и во соработката на компаниите со државните институции, општините, како и при работа на тендерски постапки. Во рамки на Сојузот, како институција чија примарна улога е да ги застапува и да ги заштити интересите на компаниите членови, постои Постојан избран суд – Арбитража на истакнати арбитри, професори, експерти, академици од областа кои учествуваат во решавањето на споровите.