ССК со предлог од 25 мерки до Владата – за економски спас од кризата треба итно да се делува

|

Во текот на минатата недела, Сојузот на стопански комори на Македонија, доставил до Владата предлог од 25 мерки за економски спас. Од таму велат дека очекуваат Владата да ги разгледа и што поскоро да ги имплрементира овие мерки.

Мерки произлегуваат од тековната состојба и реалните потреби на стопанството. Голем број предизвици има во моментов за сите стопанственици а еден од најголемите ако не и најголем е проблемот со ликвидноста која ја чувствуваат речиси сите правни субјекти.

Претседателот на ССК, Данела Арсовска вели дека мерките се скромни и се креирани по долга анализа и по извршени детални консултации во рамки на приватниот сектор. Од таму се надеваат на конкретна финансиска помош за компаниите, и тоа час поскоро.

„Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување на грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од кризата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање“.

Исто така од ССК замеруваат што се доцни со протоколи за одредени дејности или истите се премногу опши или несоодветни.
„Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила“.
Враќањето на кредити на банките од страна на многу претпријатија е доведено во прашања со кризата оваа година па оттаму и потребата за нивно репрограмирање.
„Од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките“, изјави Арсовска.

Останатите мерки опфаќаат олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци,директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година, одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите да се плаќаат на рати, справување со сивата економија со соодветни достапни механизми кои може да се имплементираат веднаш.

ССК исто така доставил и посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт. Велат дека важно е да не се дозволи претпријатијата од секторот транспорт да пропаднат во време на криза, затоа што без основните транспортни услуги нема да биде изводливо да започне периодот на економското закрепнување по кризата.