Пензионирање на 60 години и породилно отсуство од 12 месеци бара ССМ од идната Влада

|

Сојузот на синдикати презентираше барања за кои вети дека ќе бара да ги исполни новата Влада, без разлика на тоа кои политички партии ќе ја сочинуваат.
Дел од најбитните барањата на синдикатот се продолжување на траењето на породилното отсуство од досегашните девет на дванаесет месеци како и враќање на можноста за пензионирање со исполнување на работен стаж.

Синдикатот планира со овие и неколку други барања да ги отпочне преговорите со идната Влада околу правата на работниците.
Од Синдикатот наведуваат дека ќе се обидат да издејствуваат Сабота и Недела да бидат неработни денови за сите а работната недела да изнесува 38 часа.

По однос на прашањето за пензионирањето, тие се на став дека секој има право да се пензионира на 60 години ако има барем 15 години работен стаж односно покрај постојниот услов за пензионирање, да се воведат и следните услови за пензионирање:

1. Старосна пензија – по работен стаж

• 35 години работен стаж – жена – без оглед на годините на возраст
• 40 години работен стаж – маж – без оглед на годините на возраст

2. Старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности

Ќе биде побарана и можност за воведување на бенифициран стаж за градежните работници и за оние работници кои работат во тешки услови кои влијаат штетно на здравјето, како и пензија според дејноста, што би значело едни услови за пензионирање на градежен работник или рудар од работник кој работи во администрација.

ССМ смета дека договорите на определено време треба многу поретко да се користат и да не траат повеќе од една година.

Од страна на ССМ истакнтата беше и потребата од зголемување на минималната плата со оглед на тоа што синдикалната минимална кошница за јуни 2020 година изнесува повеќе од дупло од сегашната минимална плата. Потребно е да се изврши корекција согласно европските препораки за тоа минималната плата да биде најмалку 60 проценти од просечната плата, што не е случај кај нас.