Становите, апартманите и градежното земјиште на Груевски на продажба

|

Становите, апартманите и градежното земјиште на Никола Груевски, одземени со правосилни судски одлуки наскоро ќе бидат понудени на продажба. Од Агенцијата за управување со одземен имот информираат дека веќе била почната постапката за враќање на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер.

„Со влегувањето во владина постапка започна враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Станува збор за два стана кои што се наоѓаат на улицата Бихаќка, еден од 65м2, другиот од 44м2 на КО Кисела Вода 1, одземени со правосилна пресуда III KOK.бр.63/21 од Основен кривичен суд Скопје. Покрај овие два стана одземени се и три апартмани во Панорама резиденс, како и градежно земјиште во КО Центар и градежно земјиште во КО Норово за кои што исто така, во најкратко време, ќе бидат ставени во постапка за продажба“, објави на својата фејсбук страница Агенцијата за управување со одземен имот.

Поранешниот премиер Никола Груевски, против кого се водат неколку судски предмети, во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот Тенк, побегна во Унгарија каде што доби азил. Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница.