Стартуваше возот на линија Скопје – Солун

ИЗВОРСкопје24
|

Според Железници на РСМ Транспорт од вчера стартуваше тарифска понуда City Star за повратно патување на релација Скопје-Солун-Скопје.

Станува збор за сезонска линија која ќе трае до 16 септември. Возот што ќе тргнува од Белград, ќе минува низ Скопје, а потоа ќе сообраќа само до Гевгелија, од каде што патниците со автобуси на грчката железница ќе бидат транспортирани до Солун.

Возот од Скопје кон Солун ќе поаѓа секој ден во 4.45 часот, со пристигнување на солунската железничка станица во 9.33 часот, од каде што ќе може да се фати врска со грчки воз за летувалиштата во Литохоро, Лептокарија и Неи Пори.

Билетите може да се извадат на патничка благајна во станица Скопје и на патничка благајна во станица Солун.

Цената на чинење на возниот билетот е во зависност од бројот на патници кои патуваат заедно, но најмногу пет возрасни лица и едно дете. Ако групата ја сочинуваат пет возрасни патници, билетот за еден патник ќе изнесува 13,5 евра или 836 денари. Во случај кога групата ја сочинуваат пет возрасни патници и едно дете, билетот за еден патник ќе изнесува 12,20 евра или 756 денари, информираат од МЖ Транспорт.

Во периодот од 15 јуни до 16 септември, железничка врска од Скопје ќе има и за Белград, со возот што поаѓа секојдневно во 22:19 часот. Повратниот билет за воз меѓу Скопје и Белград изнесува 1.709 денари (27,6 евра), меѓу Скопје и Загреб ќе може да се патува по цена од 3.653 денари (59 евра), додека цената на билетот до Љубљана изнесува 4.643 денари (75 евра) за двата правци. Важна напомена за патниците е дека експресниот воз сообраќа до белградската железничка станица Топчидер.