Стоилов: Бевме спремни за Келн, ама не сме подготвени за лудилото во Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Капитенот Стојанче Стоилов по вторпат во својата кариера имаше можност да ја подигне европската титула и тоа по вторпат со Вардар.

За „црвено-црните“ допрва следи вистинската прослава по враќањето во Скопје, лудило за кое Стоилов вели дека не се подготвени тој и соиграчите.

-Ќе кажеш еднаш се случува, ама еве на нас вторпат ни се случи. Горд сум што сум дел од оваа екипа, секој ден е различен со овие момци, сите се легенди. Следните денови ќе биде лудило. За Келн бевме спремни, ама за тоа што следува не сме подготвени. Знаеме што ќе биде во Скопје, ама знам дека не се спремни. Ќе биде страшно лудило, ќе има многу луѓе на плоштад, треба тоа да се доживее, истакна Столе.

Направи и споредба на двете титули.

-Ова е подрага титула, ама не може да се спореди со првата. Тогаш не знаевме што е Келн, што е фајналфор. Сега веќе знаеме како да се однесуваме, полесно беше оваа година. Ама цела сезона се што поминавме, ова е наградата, вели капитенот за „Балкан Хендбoл“.

Самсоненко: Одиме на трета титула

Сопственикот на Вардар Сергеј Самсоненко е презадоволен од сработеното на ракометарите на Вардар на Ф4 турнирот во Келн и освоената нова круна така што по вторпат во последните три години екипата се враќа назад за Скопје со трофејот.

Зошто сите зборуваат за некаков крај на Вардар? Зошто сите мислат дека ја знаат ситуацијата во Вардар? Никој не ја знае ситуацијата најдобро бидејќи сето тоа се само гласини, сплетки… Вистинската информација која е точна е дека освоивме втора титула во третото учество во Келн и не е така лошо бидејќи можевме три од три. Не успеавме лани, па сега Вардар треба да почне со работа за четврто учество во Келн и за трета титула, изјави Самсоненко после освоената круна.

Тој вели дека на почетокот на секоја сезона минимумот кој се очекува е пласман на Ф4 во Келн и освојување на трофејот.

Јас секоја година верувам и очекувам титула. Ние секогаш кога разговараме, секогаш титулата ни е на првото место. Минимумот кој го посакуваме е фајнл-фор и првото место. И вчера разговаравме после мечот со Барселона со момците дека сите беа воодушевени. Тие потрошија многу емоции на еден таков меч од минус седум да се дојде до плус два. Во второто полувреме имавме плус девет. Таков еден натпревар особено на Ф4 троши многу емоции и мораше да стават полнач за да ги наполнат батериите за денеска да ги имаа емоции и играа добро.

Имаше и интересен коментар за полуфиналето против Барселона.

Јас бев разочаран и така и седев и го гледав мечот. Го гледав мечот така разочарано, а потоа одеднаш почнав да гледам минус четири, три два, еден, нула, а потоа плус еден и плус два и толку. Луѓето зборуваат дека е различно, но кај мене е исто.

Во однос на писмото кое го објави пред Пик Сегед дека ќе си замине од клубот исто така со интересен одговор.

Ние игравме добро против Пик Сегед и имавме резултат.