Повозрасните читатели сѐ уште многу добро се сеќаваат на некои интересни случувања од првите години на осамостојувањето на државава, кога беа особено актуелни неколку пирамидални шеми на вложување пари, при што оние што беа на врвот на пирамидата стекнаа корист од наивноста на граѓанството, а оние што доцна сфатија дека може да се заработи од една таква шема останаа со прстот в уста, и не само без ветените богатства туку и без своите вложени пари. Нешто подоцна, со појавата на електронските писма, па и на Интернет, почнаа да циркулираат разни писма од божемни вдовици на африкански кралеви и цареви, кои вам и само вам, како од бога одбрани, ви нудеа невидени богатства, а единствениот услов беше вие да им ги доставите вашите лични податоци, а пред сѐ вашата банкарска сметка. Се разбира, никој не сака да признае дека наседнал на ваквата измама, но можете да замислите како се чувствувал веќе следниот ден откако му го испратил бројот на својата сметка на лажниот добротвор.
Листата на вакви и слични досетки да се извлечат парите од луѓето, кои едноставно не се секогаш подготвени да очекуваат измама, едноставно нема крај. Но, како што секое време носи нови форми на мамење и најбезобразно крадење, така и ова нашево не е имуно на опасности што демнат од сите страни.
Не мора да бидете технофоб за да ве загрижи фактот дека процутот на виртуелните валути минатата година замаскира голем број проблеми. Повеќето од тие проблеми станаа јасни со падот на вредноста на дигиталните токени за повеќе од 50 отсто, откако достигна врв на почетокот на јануари. И сето тоа проследено со јазик што на обичниот граѓанин не му значи многу, но во секој случај му звучи збунувачки: „хакери што ги исушија онлајн-берзите“, „понзи-шеми“, „официјални лица не можат да држат чекор со порастот на таканаречените криптовалути“, „знаците на проблемот се појавија речиси на сите нивоа на индустријата“.
Во последниве неколку недели, двете главни регулаторни агенции во САД што ја надгледуваат технологијата, Комисијата за безбедност и парична размена и Комисијата за трговија на производи, решија неколку големи случаи, но луѓето од индустријата велат дека не ја загребале ниту површината на проблемот.
Љубителите на виртуелни валути велат дека овие проблеми не се разликуваат од она што му се случи на Интернет во 1990-тите. Но дури и тие велат дека дизајнот на виртуелните валути ја поттикна превласта на лошото однесување.Многу шеми брзо се проширија, зашто не користат банкарски сметки, па не им е потребно одобрение од официјалните институции. Наместо тоа, тие користат виртуелни паричници без ничие одобрение. А трансакциите со виртуелни валути не можат да се сменат како кај трансакциите во нормална банка или кај пејпал-трансферите.
За инвеститорите најголем проблем претставуваат фирмите што имаат добри намери, но се отворени набрзина. „Коинчек“, една од најголемите виртуелни менувачници во Јапонија, на 26 јануари соопшти дека ја загуби виртуелната валута НЕМ, во вредност од речиси половина милијарда долари, во еден, како што се чинеше, најголем хакерски напад на индустријата. Корисниците најмногу ги загрижува најголемата биткоин-берза, по име Битфинекс, за која се знае многу малку. Најголемиот акцент сепак е на најпростата трговија со токени, каде што претприемачите продаваат специјализирани виртуелни валути за да соберат пари за софтвер. Околу 890 проекти минатата година собраа над 6 милијарди долари, што е скок од 6.000 проценти во однос на претходната година, покажаа официјалните податоци.