Штрајкот на СОНК продолжува и понатаму откако денеска членството на синдикатот ги одби од синоќа понудените 12 проценти зголемување на платите.
„ГИ ЗНАЕТЕ ВЕЌЕ ДОГОВОРЕНИТЕ ТОЧКИ КОИ ОД ДВЕТЕ СТРАНИ БЕА ПРЕДЛОЖЕНИ ДО НАШЕТО ЧЛЕНСТВО, НАШЕТО ЧЛЕНСТВО ВО ТЕКОТ НА ДЕНЕШНИОТ ДЕН СЕ ИЗЈАСНУВАШЕ ПО ОДНОС НА ПРЕДЛОЗИТЕ. ОД ВКУПНО 480 СИНДИКАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ КОИ ДАДОА ПОДАТОЦИ ЗА НИВНОТО ИЗЈАСНУВАЊЕ, 388 БЕА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ШТРАЈКОТ, А САМО 83 БЕА ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА ШТРАЈКОТ“, ИЗЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОНК ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ.
Неделков додаде дека според резултатите, најглем дел од синдикатите кои се изјасниле против продолжувањето на штрајкот се од областа на детска заштита, додека речиси сите тие кои биле за продолжување на штрајкот се од образованието.
Претходно денеска, додека траеше изјаснувањето, околу 300 членови на СОНК се собраа и пред седиштето на синдикатот, предизвикани од текстови во некои медиуми кои од синоќа пренесуваат дека раководството прифатило зголемување на платите за 12% и дека штрајкот дефинитивно завршува со денешниот ден.
Тензиите се смирија откако на незадоволните синдикалци им се обрати претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој изјави дека одлуката допрва ќе биде донесена, откако ќе се изврши сондажа на мислењето на членовите на синдикатот.