Крива Паланка е источната порта на нашата држава, прекрасен град сместен во пазувите на Осоговските Планини и устието на две реки, Крива Река и Дурачка Река. Крива Паланка и нејзината местоположба нудат задоволства на сите сетила, а најмногу на душата. Посетете го овој простор и вкусете ја свежината на бистрите извори, сочните плодови и вкусната храна. На падините на Осоговските планини, во непосредна близина на Крива Паланка се наоѓа манастирскиот комплекс, посветен на пустиножителот Св. Јоаким Осоговски, за кого се смета дека е негов основоположник. Самата историја започнува со доаѓањето на Св. Јоаким во областа на Осоговието.
Во времето во кое живеел и кога се основал манастирот, областа на Осоговието се наоѓала во состав на Византиското царство. Манастирот бил изграден со залагање на игуменот Теофан и месното население. Интересно е да се напомене дека манастирот нема ктитор, туку народот сам го градел. За неговото значење зборува податокот дека бил посетуван од повеќе црковни великодостоинственици, државници и патеписци. Во 1847 година започнала изградбата на големата соборна црква, а во 1851 година била завршена и осветена. Изградбата била доверена на протомајсторот Андреј Дамјанов најпроучениот градител на Балканот од XIX век. По својата архитектонска диспозиција, црквата претставува монументална трикорабна базилика, со два реда по три столба, кои целиот простор го делат на дванаесет травеи, над кои се изведени куполи. Една од најкарактеристичните фрески е композицијата „Евангелиската проповед на апостол Павле“ , во која раката на уметникот внела и профани елементи. На оваа инзвонредна фреска народната носија од кривопаланечко зрачи со сета своја убавина и рустичност.
Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква Рожденство на Пресвета Богородица, изградена во XVII век. Црквата е една од првите средновековни цркви и се карактеризира со византиски стил. Стариот повеќекатен конак, во поново време е комплетно обновен, како и помалите конаци кои нудат услови за престој на гости и располагаат со околу 80 легла. Има ресторан кој нуди автентични јадења како паланечки зелник, качамак, тавче – гравче. Во манастирскиот комплекс, неодамна е изградена нова крстилница и извршена е реконструкција на старата камбанарија, изградена во 1929 година. Во текот на целата измината година манастирот е посетен од 20 до 30 илјади туристи. Покрај домашните, организирано доаѓаат и групи од Бугарија кои се најмногубројни, а има и од други земји од соседството.
Покрај тоа што манастирот има голема посетеност во текот на целата година, за време на Божиќните и Велигденските празници, најголема посетеност има за време на празникот кој го празнува самиот манастир. Празникот е на 28-ми август (Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица) и 29-ти август (Св. Јоаким Осоговски). Самата местоположба на манастирот, зеленилото и чистиот воздух, ги примамува посетителите кои еднаш дошле, повторно да го посетат и да уживаат во неговите убавини.