Gluvo Wood се наоѓа на Скопска Црна Гора, а буквите изградени од бетон се во должина од 50 метри. Неодамна тие беа осветлени и совршено изгледаат навечер кога го осветлуваат ридот, во близина на црквата Св. Атанасиј, во близина на село Глуво, пишува „еМагазин“.
„Светот го имаат Холивуд и Боливуд, зошто не и ние Глувовуд. Буквите се ставени над црквата која е изградена за две години со 150.000 евра донации од народот. Овде има и бунар, кој исполнува желби на оние кои веруваат. Празникот на црквата е 15 мај кога е летен Св.Атанасиј и 31 јануари кога е зимски“, вели за порталот „еМагазин“, Јовица Кукуновски, кој е иницијатор на Глувовуд.
Идејата, според Кукуновски е местото да се заживее со забавни манифестации, концерти, настапи на пејачи на отворено. Исто така во план е изградба на жичара од селото до местото.
Кукуновски вели дека се што прави, идеите се негови но сепак Сашо Јанкуловски, Ивица Томашевски, Јовица Рајчевски, Горан Јанкулоски, Звонко Живковски, Драги Буртуш, Дамјан Кукуновски и Гоце Живковски помагаат во реализацијата, местото да стане познато и да го посетуваат голем број на туристи.