Претставници на Светската здравствена организација се уште им препорачуваат на луѓето да не носат маски за лице, освен ако не се заразени со коронавирус или негуваат некого кој е болен, пренесе Си-ен-ен.
Директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајкл Рајан изјави дека носењето на маски за лице, во случај на нивно неправилно користење, може да нанесе повеќе штета од колку корист во борбата против ширењето на вирусот. Рајан повтори дека СЗО верува дека маските треба да ги носат единствено луѓе кои се болни за да не го шират вирусот и здравствените работници, на кои им се неопходни.
„Нема конкретен доказ кој би укажал дека масовното носење маски би донело некаква корист, всушност, постојат извесни докази кои го укажуваат спротивното“ рекол Рајан.
„Тука е уште и глобалниот недостиг на маски и други медицински материјали. Луѓето кои се најмногу изложени на ризик се здравствените работници секоја секунда од нивниот живот. Помислата на тоа дека немаат маска е ужасно“ додава Рајан.
Епидемиологот Марина Ван Керков, исто така вели дека е важно да им се даде предност на користење маски на оние на кои тоа им е најважно, а тоа се здравствените работници.