ЕБУ официјално потврди дека македонската претставничка Тамара Тодевска ќе настапи под името „Северна Македонија“ на претстојниот Евросонг во Тел Авив во мај.
Во известувањето се додава и дека на сите места, како што е делот со информацијата за Македонската телевизија, на пример, досегашната референца „ПЈР Македонија“ ќе биде заменета со Северна Македонија.
Тамара Тодевска ќе ја претставува Република Македонија на годинашниот Избор за песна на Евровизија во Тел Авив со песната со работен наслов „Proud“ на авторскиот тим: Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски.
Ова е одлучено од консултативното тело на Македонската радио-телевизија по иницијатива на Тамара на преслушувањето на песните што неколкумина наши автори ги доставија до МРТ по соопштувањето на изборот за македонскиот евровизиски претставник за 2019 година.
Евровизискиот настап на Тамара на сцената во Тел Авив ќе биде на втората полуфинална вечер на 16 мај.
Последниот македонски претставник што избори пласман на евровизиско финале, беше Калиопи во 2012 година.