Поради сè поголемата загаденост и високото ниво на штетни ПМ честички, скопјанецот Пандо Петковски осмислил филтер кој максимално ги апсорбира честичките од печките на дрва.
Машинскиот инженер заедно со својот татко започнал да прави уред кој не само што ги собира опасните ПМ честички, туку ги елиминира и сите канцерогени материи кои излегуваат од оџаците при согорување на цврсти горива.
“Решивме да направиме филтер кој нема да користи течност за неутрализација на штетните материи, односно ќе биде сув. Самиот филтер се состои од фаќач на ПМ честички кои се одбиваат и се таложат во т.н. таложник кој подоцна може да се исчисти. Уредот има смерник кој ги насочува гасовите, добиени од согорувањето во филтер, составен од порозна бронза и активен јаглен”, вели инженерот за “Сител”.
Таткото и синот велат дека за изготвување на ваквиот механизам им била потребна многу мала инвестиција, која може да си ја дозволи речиси секое семејство во Македонија, а се користат и помалку дрва за огрев.
“До аглите е. Секоја материја има различен агол на триење, дали се гори дрво, јаглен, иверица… секоја ПМ честичка има свој агол на триење”, објаснува таткото на Пандо.
Дека ваквиот изум е ефикасен и навистина функционира, докажува и бронзениот медал со кој бил награден патентот на Петковски на саем во Тајван, во конкуренција од над 1500 иновации, а за изумот биле заинтересирани и неколку странски компании, но семејството сака да помогне во намалување на загадувањето во земјата и се надева дека надлежните институции ќе покажат интерес овој систем да остане во Македонија.