Телевизијата на Ким ги изненадила гледачите: Погледнете што им прикажале и зошто сѐ траело само еден ден

ИЗВОРСкопје24
|

Државната телевизија на Северна Кореја ги изненадила сите кога емитувала вести во кои за првпат се појавила млада водителка, 3D графичка содржина, time-lapse видео и анкета од луѓе на улица.

Ова било големо изненадување за сите со оглед што KCTV, без оглед на напредокот на технологијата во светот, е позната по тоа што нема никакви модерни технолошки содржини, а во студиото веќе со децении има само еден ист водител кој чита вести, додека зад него се наоѓа слика од природа или сина боја.

Исто така, новинарите никогаш не излегувале на улица за да снимаат граѓани, доколку тоа не е однапред договорено.

Модернизацијата траела само еден ден, а телевизијата повторно се вратила на старо. Мартин Вилијамс, експерт за технологија во Северна Кореја, изјавил, анализирајќи ги причините за тоа, дека KCTV официјално нема конкуренција бидејќи луѓето немаат кабловска или сателитска телевизија и повеќето имаат само еден канал, но неофицијално имаат голема конкуренција.

“Голем број на информации пристигнуваат преку морето, а на USB стиковите и SD картичките пристигнуваат американски и кинески филмови. KCTV сфати дека мора да воведе иновации и да биде поинтересна ако сака да го задржи вниманието на народот од Северна Кореја”, изјавил Вилијамс.

Забележано е и дека KCTV станала поажурна во известувањето. Додека претходно за објава на некоја вест им биле потребни два дена, сега го објавуваат тоа веќе истиот ден. Еден од примерите е патувањето на Ким Јонг Ун во Виетнам за да се сретне со Доналд Трамп.

“Тоа беше потполно неочекувано за оваа телевизија и претпоставувам дека причината за тоа е што повеќе луѓе слушаат странски радио-станици, па Северна Кореја мора да излезе од своите граници и да има свои ставови за случувањата пред тие да стигнат до граѓаните преку други канали”, смета експертот.

Во текот на самитот Ким-Трамп, обичните луѓе биле во фокус наместо досегашната пракса која била во фокусот на идеологијата. Така, телевизијата известувала за жените во козметичките фабрики, студенти кои покажуваат нови мобилни телефони и персоналот во пица рестораните.