Термините за склучување брак му пркосат на штрајкот во Матично – службениците не работат и бараат поголеми плати

|

Прегратки, насмевки, букети со цвеќиња пред Матично. Термините за склучување брак му пркосат на штрајкот на административците од Управата за водење на матичните книги.

Вработените бараат поголеми плати и затоа од денес, оваа институција која брои близу петстотини службеници влезе во генерален штрајк.

Освен младите брачни парови, други итни случаи ќе бидат исклучок од неработењето на Матично, но службата нема да функционира во полн капацитет сè до исполнување на барањата, најавува синдикатот.

„ТИЕ СИ ИМААТ ЗАКАЖАНО И СЛОБОДНО ЌЕ СИ СКЛУЧАТ БРАК ВО НАШИТЕ ПРОСТОРИИ, НАСЕКАДЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА. ЛУЃЕТО ЗНААТ ДЕКА ИМА ШТРАЈК, ГЛЕДАМ ДЕКА НЕМА НАРОД ОВДЕ. ЕПТЕН АКО ИМА НЕКОЈА СИТУАЦИЈА ЗАРАДИ НЕКАКВА ОПЕРАЦИЈА ИЛИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЛИЦА ОД СТРАНСТВО ИЛИ ПОЧИНАТИ ТУКА – ТАКВИ БАРАЊА ЌЕ БИДАТ ПРИМЕНИ. БАРАЊАТА СЕ ДА СЕ УРЕДАТ ОДРЕДЕНИ ПРАВА ОД РАБОТНИОТ ОДНОС, ДА СЕ ИЗВРШИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ КАКО И ДА СЕ УРЕДИ ПОСТАПКАТА ЗА СТЕКНУВАЊЕ ПОВИСОКИ ЗВАЊА НА ВРАБОТЕНИТЕ КОИ ДОЛГИ ГОДИНИ СЕ СО ИСТИ ЗВАЊА.“ – ВЕЛИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ НА УПРАВАТА ЗА ВОДЕЊЕ НА МАТИЧНИТЕ КНИГИ.

Луѓето кои веќе имаат готов документ и термин за да си го подигнат истиот, можат да влезат и да завршат работа внатре, затоа што работници со Договор на дело се поставени на шалтерите, информираат извори од Матично за Телма.

Тоа е така затоа што според законот, секоја институција којашто е во штрајк мора да биде 20% функционална.

Во меѓувреме, синдикатите имаат неколку свои барања за да ја одблокираат институцијата, а властите веќе знаат за што станува збор, но решение сè уште не е на повидок.

„Министерството за правда е запознаено со барањата на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги. Не е возможно да се потпише предложениот Колективен договор од причина што одредбите во предложениот текст на Колективниот договор излегуваат од рамките на Законот за административни службеници. Таков договор, кој предвидува излегување од износот на предвидени средства е незаконски и за тоа се предвидени санкции, согласно Законот за Буџети на РСМ.“ –велат од Министерството за правда.

Претставници на синдикатите велат дека вработените во Управата за водење на матичните книги се соочуваат и со големи притисоци заради одлуката за штрајк.

„ПО ТОА ШТО МИ ГО КАЖАА КОЛЕГИТЕ, НИВНИТЕ ПРЕТПОСТАВЕНИ ПРАВАТ РАЗНИ СПИСОЦИ ЗА ТОА КОЈ ШТРАЈКУВА, А КОЈ НЕ. ТОА СЕПАК Е ЕДЕН ВИД НА ПРИТИСОК. МЕЃУТОА, ЈАС ГИ РАЗБИРАМ. МОЖЕБИ И ЈАС ДА СУМ ОД ДРУГАТА СТРАНА ЌЕ ГЛЕДАМ ДА ФУНКЦИОНИРА УПРАВАТА. ЈАВНО ИМ КАЖУВАМЕ – НЕКА НЕ ЈА ТРОШАТ ТАМУ ЕНЕРГИЈАТА, ТУКУ ДА СЕДНЕМЕ ДА РАЗГОВАРАМЕ И ДА НАЈДЕМЕ ЗАЕДНИЧКИ ЈАЗИК.“ – ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КОНФЕДЕРАЦИЈАТА НА СИНДИКАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИИ НА МАКЕДОНИЈА.

Управата за водење на матичните книги во 2019 година беше под лупа на ревизорите.

Државниот завод за ревизија тогаш нотираше дека вкупниот број на погрешни изводи во годината надминува над 20 илјади, или четири проценти од сите издадени изводи.

Одговорност не е утврдена, а на сметката на Управата не е уплатен износ од над 16 илјади евра, и во Буџетот на државата над 30 илјади евра на сметка на административна такса.

Петар Догов