Тетово за првпат ќе добие градски јавен превоз со пет автобуси кои ќе возат на три градски линии , откако на вчерашниот ден беше промовирана инвестицијата вредна 720 илјади евра.
Градоначалничката Арифи напомена и дека автобусите со кои ќе се врши градскиот превоз се прилагодени за лица со телесна попреченост, а го користат еколошкиот стандард ECO6, кој се користи во земјите на Европската Унија.
Средствата беа обезбедени преку проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка.
Градоначалничката на Општината, Теута Арифи, посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие “Тетово транспорт” и дека јавниот превоз треба да започне многу скоро.
„Паралелно, ги изградивме автобуските постојки вертикална и хоризонтална сигнализација и интензивно ќе работиме на едукација на граѓаните дека со користење на градски превоз, не само што избегнуваме застој во сообраќајот, туку и придонесуваме за подигнување на свеста и еколошката заштита на градот и општината“, вели Арифи.
Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови. Со овие три рути, се покрива целата територија на градот Тетово.