Тијана нема да ја придружува сестра си Тамара на годинешниот „Евросонг“ закажан следниот месец во Израел. Иако многумина очекуваа дека токму Дапчевиќ ќе биде првиот избор на Тодевска кога се во прашање вокалите кои ќе ја придружуваат на сцена, нејзината сестра нема воопшто да отпатува за Тел Авив.
– Тамара многу те сакам. И многу сум среќна што оваа година ќе бидеш претставник на „Евровизија“, ама сум несреќна што нема да бидам со тебе – откри Тијана во ТВ-шоуто на Драган Б. Костиќ.
Подоцна се огласи Тамара која ја објасни причината за овој, за многумина неочекуван потег.
– Тијана е една од најважните личности во мојот живот и без нејзината љубов и поддршка јас не би била тоа што сум сега.Ќе остане во Белград со ќерка ми Хана. Синот Дарен за време на фестивалот ќе биде во Гевгелија со семејството на мојот сопруг – појасни Тодевска.