Тлото не мирува: По вчерaшниот силен земјотрес, серија потреси во текот на ноќта и утрово

|

По вчерашниот силен земјотрес со епицентар на 5 километри северозападно од Лерин, Грција и утрово забележани серија на потреси со помал интензитет.

Според податоците на Европскиот сеизмолошки институт, утрово се регистрирани уште неколку потреси со послаб интензитет од 2,0 до 3,6 степени.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти ноќеска дека регистрирани се серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.

Првиот земјотрес кој се случи во 22 часот и 43 минути беше со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на РС Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.

За нешто помалку од 40 минути по силниот земјотрес, во поширокиот регион на Лерин беа регистрирани уште седум помали земјотреси, од кои еден од 4,2 степени, еден од 3,9 и два од 3,5 степени, информираа од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, по вчерашниот земјотрес.