На денешен ден пред 39 години замина Јосип Броз Тито, а човекот кој ја соопшти ваквата вест пред цела Југославија беше спикерот Миодраг Здравковиќ.
-По*ина другарот Тито… Тоа вечерва го соопштија од Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија на работничката класа и граѓаните, народите и народностите на СФРЈ. Наскоро ќе емитуваме извештај од седницата на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија и Претседателството на СФРЈ”, изговорил Здравковиќ на 4-ти мај 1980 година нешто пред 19 часот.
Спикерот таа 1980 година за “RTV” опишал како се чувствувал кога му била зададена таа задача.
“На 14-ти февруари ми кажаа да не се оддалечувам од Белград и постојано да бидам во контакт со телевизијата и со својата редакција. Никој не ми кажа зошто, но тоа го насетив читајќи го соопштението од лекарите за здравствената состојба на претседателот”, се присетил Здравковиќ.
“Некаде кон средината на март, моите уредници во редакцијата ми дадоа до знаење за каква тешка задача сум одреден”, рекол тој и додал:
“Се присилував себеси да расудувам како новинар, професионалец, но бев длабоко потресен. Замислував како ќе изгледа тоа. Се охрабрував себеси дека, со оглед на моето искуство, ќе можам да го направам тоа на еден професионален и достоинствен начин. Тоа се бараше и очекуваше од мене, но како да не го знаев тоа. Зборовите кои требаше да ги изговорам не се ни осудував да ги кажам во себе. И повторно ја одложував таквата мисла: тоа сепак нема да се случи”.
“Не се сеќавам на моментот ниту точното време кога го добив соопштението кое требаше да го прочитам. Во ходникот кој води кон студиото доживеав уште едно изненадување – тука веќе беше филмската екипа која го снимаше моето доаѓање и тоа некако ме “пресече”. На онаа полна мера одговорност и концентрација која ја имав, тоа додаде уште нешто, не знам што точно но чувствував дека најголемата криза е на повидок”, изјавил спикерот.
“Знам дека некако влегов во студиото, седнав и бев страшно задишан, како да сум трчал со километри. Ми пријде Милан Вукос, нашиот генерален директор уште еднаш да го погледне текстот и ми кажа да ја допишам третата реченица. Автоматски почнав да го пишувам она што го диктираше и наеднаш застанав – за момент не можев да се сетам како службено се нарекува нашата земја… Сето тоа беа делчиња од секунда кои за мене изгледаа многу долго. Кога го прочитав текстот … не знам. Свесен бев само дека во еден момент застанав на некој збор, но некако прочитав сè до крај”, заклучил Здравковиќ.
Познатиот спикер замина од овој свет на 11-ти мај 2017 година.