Тоа беше забранета, ама вистинска љубов. Тој Турчин, јас Србинка по националност. Бидејќи не ни дозволуваа да се сакаме, решив да одам бегалка за него. Ја продадовте ќерката за злато, ако не е така, земете ја назад, ете така им велеле луѓе од селото на моите родители и блиски родини. По околу две седмици, многу роднини дојдоа и насила ме зедоа назад.
Со кл*ци низ цело село ме влечеа, некои ме плукаа. Косата ми ја кубеа, забот напред ми го искршија. Во милиција ме однесоа. Ми нагласија, ќе кажеш дека доброволно сама се враќаш. На мојот сакан му рекоа сама се врати. Тој не веруваше, бараше да ме види, да се увери. Велеше, ако не дадете да ја видам, до Скопје ќе одам да се жалам. Кога ме зеде, имаше што да види. Никого не тужев, ниту за навредите, ниту за те*ањето. Само сакав да се вратам кај избраникот. Велат, секое чудо за три дена. Сите заборавија на тие моменти, но јас не.
Ова не е извадок од текст или сцена од филм. Ова е вистинска емотивна животна приказна за своевидни Ромео и Јулија и нивната забранета љубов во селото Корешница, Општина Демир Капија. Заедно со двете ќерки тие сега живеат во Измир, Турција.
Тоа што е забрането е слатко
Ленче Сулејманова, порано Богдановиќ, е родена во Неготино. Израснала во селото Корешница, покрај реката Вардар.
„Нашата љубов почна на мали години. Имав 15 години, а Дахил беше седумнаесетгодишен. Бевме деца во исто село пораснати, во школо заедно, во детството, младоста. Заедно почнавме да се збираме во друштво. Се засакавме, иако знаевме дека таквата љубов е забранета, особено во една таква мала средина. Ние сме доказ дека тоа што е забрането е слатко. Умот во тоа ти е. Ти викаат не, ама џабе. Кој да помисли дека такво нешто ќе се случи, никому ни на памет да му падне такво нешто, ама, ете, судбина е. Три години ни траеше флертот. Во почетокот, кога никој сè уште не знаеше за нас, слободно се дружевме. Во селото има амбуланта, таму се збиравме младите. Седевме, музика си слушавме, од милина. Ама кога се дозна за нас, колку и да не признавав дека не е точно дека сме нешто повеќе од пријатели, веќе не бев толку слободна во движењето, ми дадоа некои ограничувања. Некои од моите роднини дури од школо кога излегував пред врата ме чекаа, за да си одам право дома. Тогаш Дахил беше вработен во градежна фирма, па знаеше да ме пречека од школо, но ми забранија. Затоа почнавме подоцна да се наоѓаме“, раскажа Ленче за почетокот на искрите во нивните срца, кои пламтат и денес.
Станала полнолетна, го завршила средното школо во татковината. А Дахил, 20 години.
„Деца сè уште, што се вели, ама полнолетни веќе. Така што и чинот на бегање така непланирано дојде една вечер. На полноќ бевме двајцата во нашиот двор. Немаше осветлување, темница, ништо не се гледаше. Едно време го забележав татко ми како станува, забележува дека не сум дома, ме бара. Тогаш одлучив да си заминам со саканиот, немав храброст да излезам пред мојот татко. Решив да одам бегалка за Дахил. А баш манастирска вечер во Неготино, кога сите одат во манастир, цел ден спремавме со мајка ми роденден за сестра ми. Ама тој ден во шок ги оставив, избегав. До ден-денес немам храброст да ја прашам сестра ми дали го славеше роденденот. Стапив во брак и таму во родниот крај ќе живеевме. Ама тогаш, тие години, за ваков мешан брак многу лоши мислења и провокации имаше. Ее, откако избегав, почнаа уште поголеми проблеми. Секоја вечер им досадуваа на моите на врата. Ме прашуваш како се чувствував кога ми ја бранеа љубовта и кога морав да одам бегалка за саканиот. Како се чувствував? Виновна спрема родителите во секој поглед. Се извинував, не заслужуваа да ги потресам, си мислев нема ни да ме разберат ни да ми простат. Бев во безизлезна состојба, без чаре. Заљубена, сè на него мислев. Ама не можевме слободно да се најдеме ние заљубените, бевме како во слепа улица, без излез. Еве и сега кога со мислите се навратив на тоа време, солзите не можам да ги сопрам“, со многу емоции ми кажуваше Ленче.
Заљубени како и пред три децении
Една година не ѝ зборувале родителите, додека со сопругот живееле во родното село. Трудна заминала и се породила во Турција во 1990 година. Таму живееле една година. Втората ќерка ја родила во 1993 година во Неготино. Следната година пак заминале во Турција, но веќе немала проблем со родителите. Во 1995 година мајка ѝ била кај неа на гости во втората татковина.
„Жални разделби со моите, многу жални. Како да знаеле дека по десет години ќе можам да дојдам назад. Затоа што заминав со југословенски пасош како турист, а во меѓувреме се растури Југославија и не можев да се вратам, дури не добијам турски пасош. Стариот не важеше повеќе. Тие како поминаа во мојата Корешница не знам, ама сакани мои кои живи ги оставив кога заминав, на гробишта ги посетив кога дојдов“, се сеќава Сулејманова.
Со многу топлина раскажува за страста што ги споила и трае сите овие години.
„Среќна сум што и по три децении во основата на нашиот брак е љубовта. Јас и Дахил не можеме еден без друг, додека сме на работа по неколку пати се бараме. Онака, без причина, колку да се слушнеме. Верувам дека е тоа од Господа подарена љубов. Среќна сум што моите многу го сакаат Дахил, како да им е роден син. Никогаш не се покајав што своевремено им се спротивставив на сите и ја избрав љубовта. Главата горе и тогаш и сега, горди сме и двајцата на нашата љубов, на двете ќерки, на нашата фамилија. Не ми се верува, поминаа 30 години во брак. Ама поминаа како вода, дали што е со љубов бракот и не се чувствуваат поминатите години, не знам. Но кога ќе ги погледнам ќерките, ах, многу бргу отишле годините. Но за ништо не жалам“, рече оваа пријатна жена во разговор за МИА.
Дваесет и пет години си го бара македонското државјанство
Веќе 25 години си го бара македонското државјанство, но засега без успех. Тврди дека се изнадавала пари за документи, но залудно. Децидна е дека никогаш не се откажала од македонското државјанство.
„Само не знам до ден-денес зошто ми го одзедоа македонското државјанство. Заради ваков брак или некој закон што никој не може да ми го објасни. Никогаш не сум се откажала од тоа државјанство. Дедо, татко, мајка, сите имаат македонско државјанство, само јас не. Од каде сум дојдена јас, од небото ли сум падната? Судбината така сакала, со години не можев да си ги видам своите блиски. Со години моите мораа да појдат до Демир Капија во пошта, за да можев барем гласот да им го слушнам по телефон. Подоцна, благодарение на другарот на мојата помлада сестра Светомир Милошевиќ, кој ми е како брат што го немам, имавме позачестена комуникација преку СМС-пораки, колку да знаеме дека сме здрави и живи. Не знам колку солзи имаат истечено. Ем мои ем на мојата мајка“, рече мојата нова пријателка.
Додаде дека не се откажува, па и понатаму ќе се бори и ќе бара македонско државјанство.
Во Турција живееме, ама таму во родниот крај ни се мислите. Постојано наши песни слушаме. Јас се чувствувам како Македонка. Јас вера не сменив, сите празници си ги славам, ем моите ем на сопругот ги почитувам. Девојчињата исто така, знаат македонски, дури и кирилица научија да пишуваат. И тие се заљубени во Македонија. Традицијата не си ја изгубив, им ја пренесов на ќерките. Да не се чувствувам како Македонка, сигурно не би ги терала нашите македонски адети. Зборот Македонка е многу значаен за мене. Затоа со плачење го дочекувам секое одбивање на моето барање за државјанство, нагласи таа.
Кога ја запознав, разбрав дека и селото Корешница има своја бегалка. Фрли му пепел, така ѝ рекле постарите, за да заборави на сите трауми што ги доживеала само заради тоа што невино и искрено љубела.
„Фрлив пепел што се вели, на многумина им простив за тоа што ми го направија. Но одвреме-навреме ветерот во мојата душа ја разнесува пепелта и спомените одново и одново излегуваат на површина“, призна таа.
Со Ленче сме речиси врснички. Сме оделе и во иста гимназија. Тоа што не се познававме досега е можеби само чиста случајност, најверојатно сме биле во различни смени. Но затоа на социјалните мрежи комуницираме како да се знаеме со години. Ветив дека ќе се распрашам на сите можни места зошто не може да добие македонско државјанство. Се договоривме и да се видиме кога ќе има прва можност за тоа. А има и што да си кажеме. Со нетрпение очекувам да слушнам уште детали од најголемата вистинска љубов. За приказната за Ромео и Јулија со среќен крај.
Извор: МИА/Светлана Дарудова