Од Британската метеоролошка служба предупредија на екстремно високи температури на воздухот следните денови, истакнувајќи дека за 17 јули постои 30 отсто шанси да биде најтоплиот ден во Обединетото Кралство.
Најтоплиот ден во Обединетото Кралство беше во јули 2019 година кога во ботаничката градина во Кембриџ беа измерени 38,7 Целзиусови степени.
Живата во термометарот денеска се искачи на невообичаено високо ниво на Пиринејскиот Полуостров каде се измерени 42 Целзиусови степени.
Во Шпанија највисока температура од 43,3 Целзиусови степени е измерена во Канделеда, соопшти шпанската метеоролошка служба. Во другите градови на југот и во центарот, како Севиља и Бадахоз, измерени се 42 Целзиусови степени.
Во соседна Португалија, за време на викендот температурата во некои области се искачи до 44 Целзиусови степени.
Вчера топлотен бран ја зафати и Франција, највисока температура е измерена на југозападот од земјата.
За денеска се најавени температури високи до 39 Целзиусови степени.
Овој нов топлотен бран, втор во еден месец по оној од средината на јуни, е „сосема невообичаен“ во земја каде што високите температури во лето не се невообичаени, рече Рубен дел Кампо, портпарол на Aemet.
Топлотниот бран започна во неделата и можно е да „трае од девет до 10 дена, така што тоа би можело да биде трет најдолг топлотен бран во Шпанија од 1975 година“, изјави тој за France Press.
Десетици кинески градови исто така горат на високите температури, а топлотните бранови ги топат покривите на зградите и патиштата, додека непријатното време ги принуди луѓето да влезат во подземни засолништа.
До денеска во 11 часот, 68 градови – вклучително Шангај и блискиот Нанџинг – објавија црвен аларм, највисок во тристепениот систем за предупредување од топлотни бранови, предвидувајќи температури од повеќе од 40 степени Целзиусови во следните 24 часа.