Почнале подготовките за туризмот во 2020-та година, а ова се трендовите кои доаѓаат.
Еден од поголемите трендови сигурно се дестинациите кои не се преплавени од туристи. Исто така, советниците во секторот за луксузни патувања известуваат за пораст на барање на дестинации за кои патниците сметаат дека имаат интересна култура или недопрена природа, како Борнео, Гренланд или Оман.
Патниците, исто така, сакаат да истражат што повеќе земји, дури и кога патувањата кратко траат. Бараат и повеќе различни искуства за време на одморот, на пример, во истото патување да престојуваат во голем град, но и авантура во џунгла, па фокусот е на разни искуства кои го збогатуваат патувањето.
Истражувањето на “Virtuosa” покажало дека гастротуризмот станал посебна туристичка понуда. Кулинарските искуства ги надминуваат самите ресторани, а опфаќаат курсеви по готвење, посета на фарми, како и лов на тартуфи.
Уште еден тренд кој станува се позастапен се групните патувања. Се повеќе патници од сите генерации одлучуваат да патуваат со група пријатели со кои делат слични интереси и страсти. Исто така, се попопуларни се и таканаречените групни “медени месеци”, во кои младенците патуваат во друштво на своите пријатели.
Според истражувањето на “Virtuosa”, туристите најчесто се одлучуваат за мултигенерациски, автентични, активни и авантуристички, семејни патувања, или патувања во кои нешто се прославува.
Како главна мотивација за патување се смета прославување на успех, возбуда при учење на нови работи, минување на време со саканата личност, одмор и релаксација, како и исполнување на животни желби.
Модерниот патник бара подлабоки искуства кои поттикнуваат емоционална поврзаност со одредена дестинација, како дегустација на вино од винска винарија или најмување на личен водич кој може да ве приближи до локалната култура. Патниците денес сакаат сместување кое најдобро ја претставува дестинацијата.