Трговците мора да обезбедат посебни рафтови „Купувам домашно“

ИЗВОРНов лист
|

Објектите за трговија на мало се должни да обезбедат посебно обележани рафтови или пак да ги обележат македонските производи со ознаката „Купувам домашно“ со цел корисниците на домашните платежни картички да можат полесно да ги препознаат, предвидуваат измените на Уредбата за домашни платежни картички, кои Владата ги усвои на вчерашната седница.

Согласно Уредбата, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

Уредбата ги задолжува и правните и физички лица што вршат онлајн продажба посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „Купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата со кое ги известуваат купувачите дека со домашната платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги.

Конечната листа на корисници на финансиска поддршка со податок за името и презимето на корисникот и банката издавач на платежната картичка ќе биде објавена на www.kupuvamdomasno.gov.mk

Со картичките ќе може да се плаќа во објекти за сместување, хотели, кампови, ресторани, кафулиња, во трговијата на мало, во аптеките, туристичките агенции, на тезгите и пазарите, фризерските салони и слично.