Оваа година три девојки со коњаниците тргнуваат на Илинденскиот марш за Крушево, со цел да им оддадат почит на хероите.
Драгана Каловска трета година по ред учествува, Елена Мишева втора година, а за прв пат нив ќе им се приклучи и 17 годишната Maрија Стамболиска. Пред да тргнат на пат, тие имаа подготовки.
„Оваа година подготовките полесно поминаа затоа што веќе се имам навикнато, знам точно што се треба да се спреми. Во врска со коњот се вика Дори, и многу сум задоволна колку е послушен. Не ми требаше многу време да го навикнам, за неколку дена се научивме. Подготовкиве траат две недели што значи тренинзи секој ден за јавачите, а за организацијата многу подолго. Има повеќе јавачи коишто оваа година ќе јаваат за прв пат меѓу кои и 17 годишната Марија Стамболиска, така што оваа година сме три девојки, јас, Елена Мишева која што ќе јава втор пат и Марија по прв пат. Како најискусна должна сум да им помагам на девојките, досега сè помина во најдобар ред, мило ми е што ,,пуштив нога” за женска екипа“, вели Каловска.
Дваесетина коњаници од четата од Горно Лисиче, Мавровската чета која што тргна вчера од Врбен со десетина коњаници, тие се спојуваат во Кичево со Кичевската коњаница и заедно пристигнуваат во Крушево на 31 јули. Во 18:30 часот денеска од црквата Св. Апостол Петар и Павле во Горно Лисиче, по молитвата и заклетвата ќе тргнат и девојките за Крушево.
„Очекувам сè да помине со лесно, да нема дожд затоа што не е лесно да се јава на дождот. Оваа година го имаме Стефан Николовски кој што ни е млад војвода, а и млада чета сме, така што очекувам и добра дружба по пат. Ме мотивираат луѓето кои ги среќавам, нивната позитивна енергија и поддршката која ми ја даваат, љубовта кон Македонија и огромната почит што ја имам кон натчовечките херојски дела на илинденците. Тоа што можам да почувствувам само многу мал дел од духот на нивниот труд и да се ставам во таа улога е нешто преубаво и тоа ме исполнува. На сета мака и напор по пат кога ќе стигнам во Крушево сум навистина среќна, тоа чувство ме мотивира да се пријавувам веќе трет пат“, раскажува Каловска.
За честувањето на големиот празник Илинден тие ќе бидат во Крушево. Секоја година граѓаните на Крушево излегуваат за да ги пречекаат коњаниците. Оваа година се организира 41-от по ред Илинденски марш.
Извор: Фактор.мк