Скопскиот кривичен суд денеска ја прогласи за виновна, кумановката Гордана Филиповиќ и и пресуди тригодишна затворска казна за сообраќјната несреќа од јануари 2022-ра година кога на пешачки премин беше прегазен и загина 76-годишниот пешак Слободан Анѓеловски.
Несреќата се случи на преминот пред мостот Гоце Делчев, а Филиповиќ не застанала на преминот по кој се движел Анѓеловски. Гордана Филиповиќ е мајка на Јелена која претходно настрада во сообраќајна несреќа на 17-годишна возраст во возило управувано од пијан и дрогиран возач.
Откако се бореше за соодветна судска пресуда и брза истрага во случајот со нејизната ќерка, возачот на автомобилот беше првично осуден на 7 и пол години затвор, а потоа на Апелација казната за смртта на Јелена му беше намалена на 6 и пол години затвор.
На 26-ти јануари 2022-ра, Гордана Филиповиќ со своето возило учествуваше во сообраќајната несреќа во која загина скопјанецот Слободан Анѓеловски.
Судијката Елена Јосифовиќ денеска посочи дека како отежнителна околност е земено тоа што не застанала на пешачкиот премин иако веќе две возила чекале да помине пешак, а воедно и тоа што имала забрана за управување со моторно возило во моментот кога се случила трагичната несреќа. Отежителна околност според судот била и зачестеноста на ваквите кривични дела.
Како олеснителни околности за Филиповиќ се земени тоа што претходно не била осудувана, станува збор за релативно млада жена која покажала искрено каење. Дополнително судијката оценила дека како олеснителна околност е и тоа што нејзината ќерка го загубила својот живот исто така во сообраќајна несреќа.
Адвокатката Јована Малезанска која ги застапуваше оштетените односно семејството на загинатиот посочи дека нема да ја обжалат одлуката на судот и сметаат дека казните за тешки сообраќајни несреќи треба да придонесат на подобрување на однесување во сообраќајот за да се спречат нови жртви.
-Во поглед на висината на казната, дали сме задоволни, сметаме дека е во рамките на законот, во казната земени се во предвид олеснителни околности, меѓутоа ние најмногу би биле задоволни доколку во иднина не се случуваат вакви сообраќајни незгоди со негативни исходи, изјави Јована Малезанска, адвокат на семејството Анѓеловски.
Судот пресуди и забрана за управување со автомобил на осудената Филиповиќ во наредните 5 години.