Турската компанија „Лимак“, која го гради комплексот со дваесеткатници кај Старата железничка станица, месечно уплаќа по 2 милиони денари во буџетот на Република Македонија како казна за нереализиран договор со Министерството за транспорт и врски, покажа истражувањтое на „Макфакс“. Во договорот фирмата е обврзана во рок од десет години да изгради хотел, но рокот истече, а хотелот не е изграден, па „Лимак“ од средината на минатата година плаќа казна за неградење. Во исто време почна и да гради, наспроти гласното противење на скопјани против нови објекти во строгиот центар на градот. Хотелот, за кој плаќа казна, како и сите останати содржини што ги најави компанијата, се на државно земјиште кое Министерството за транспорт го продаде на „Лимак“.
„Компанијата е обврзана да плаќа договорна казна во висина од 1,5 отсто од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање на предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истек на рокот, односно по 2.004.336 денари месечно, почнувајќи од 24.06.2018 година“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.
Казната е за неизградениот хотел „Радисон“, кој во Скопје требаше да го изгради британската компанија „ХЛХ Македонија“, која доби и одобрение за градење во 2008 година, но откако не го изградија, земјиштето беше повторно вратено во државна сопственост, а Министерството за транспорт и врски во 2012 година го продаде на „Лимак“ во пакет со целото земјиште околу Старата железничка станица. „Лимак“ ја презеле обврската да изгради хотел, а го наследил и одобрението за градење поради кое сега плаќа казна.
„Претходниот инвеститор/изведувач ја има добиено градежната дозвола во јуни 2008 година. Според договорот со министерот за транспорт, изградбата требаше да заврши во рок од 10 години по издавањето на дозволата. Крајниот рок беше јуни/2018 година. Така, бидејќи се презема локацијата, ‘Лимак’ почна да ги плаќа соодветните месечни казни. Ова се однесува само за конкретната парцела, 1.12. Не за другите локации од мултифункционалниот комплекс“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.
Од турската компанија велат дека се отворени за соработка, но не сакаат да зборуваат пред камера.
Државата, преку Министерството за транспорт и врски им продаде вкупно 41.824 квадратни метри на Турците за вкупно 231.827.204 денари, или 3,7 милиони евра, земјиште поделено во две големи парцели. „Лимак“, пак, минатата година во септември и официјално ја почна изградбата на мултифункционален комплекс кој покрај четри дваесеткатници и хотел предвидено е да има трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Турците, заедно со комплексот, треба да ја изградат и подземната сообраќајница на Јужен булевар на која се чека уште од 2012 година.
Макфакс направи истражување во кое се вели дека овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.
Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.
Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.
Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.
„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.
Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.
Продолжува на Макфакс