ТВ21 дознава: Постигнат договор за покачувањето на платите помеѓу Заев, Филипче и Синдикатот на Клинички центар

ИЗВОРТВ21
|

Претставниците на Синдикатот на клинички центар пред два дена имале состанок со премиерот Зоран Заев, а претпладнево со министерот за здравство Венко Филипче на кој бил постигнат договор околу процентот и динамиката на покачувањето на платите на здравствените работници во Клиничкиот центар.

Според информациите на ТВ21, утре Синдикатот на Клинички центар ќе одржи седница на совет на која треба да се усвојат одлуките донесени на средбите со Заев и Филипче. На овие средби е договорено следното:

-Покачување на платата од 10% за докторите специјалисти и наставно научен кадар. -Покачување на плата од 8% за медицински сестри, медицински лаборанти, рендген техничари и сроден кадар.

-Покачување на плата од 8% на болничари транспортери и останатиот помошно-технички персонал.

-Покачување на плата од 5% за докторите по општа медицина и докторите на државна специјализација и останатите здравствени работници.

„Пред два дена имавме состанок со премиерот Заев, а претпладнето со министерот Филипче. Задоволни сме од постигнатиот договор и добивме ветување дека тоа ќе биде реализирано. Нашето барање за средба на која нема да бидат присутни други синдикати, туку само Синдикатот на клинички центар е испочитувано. Ние сме задоволни од постигнатото“, изјави д-р Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.

Договореното важи само за здравствените работници од Клиничкиот центар и ќе почне од јануари 2019 година. За јавната администрација која работи во здравството останува договорот од 5% покачување на платата кое ќе почне да се смета од септември месец. Воедно договорено било вработените во јавната администрација да останат во секторот здравство.

Според информациите премиерот Зоран Заев ветил дека доколку економијата се движи со позитивни чекори, тогаш со ребалансот на буџетот можно е да има и ново покачување, покрај ова што било договорено на средбите.