Твитер конечно пресече, ја воведува „најбараната опција“, но можеби ќе се наплаќа

|

Твитер почнува да ја тестира долгоочекуваната опција „edit tweet“ која по 16 години од постоењето на мрежата им овозможува на корисниците да уредуваат твитови по објавувањето, но со опцијата се воведуваат одредени правила.

Долго бараната опција моментално е во фаза на тестирање и најверојатно ќе работи слично како опцијата „edit“ на Фејсбук.

Според најавата на компанијата, твитовите ќе можат да се уредуваат неколку пати во рок од 30 минути од објавувањето.

„Модифицираните твитови ќе се појавуваат со посебна икона и временски печат, така што на корисниците им е јасно дека тоа не е оригиналниот твит“, се вели во соопштението.

Ознаката на изменетите твитови ќе вклучува целосна историја на промени, а Твитер вели дека ја тестира опцијата на мал број корисници за да ја исклучи потенцијалната злоупотреба.

Меѓутоа, при конечното внатрешно тестирање на опцијата, функцијата „edit tweet“ ќе стане достапна само за претплатниците на „Twitter blue“. Тоа значи дека доколку сакате да ја искористите опцијата, треба да се претплатите на оваа социјална мрежа со 5 долари месечно. Дали и кога ќе биде достапен за сите засега не е познато.

Џеј Саливан, потпретседателот на Твитер, на почетокот на оваа година изјави дека оваа опција „веќе многу години е најбарана“, но дека долго време не е воведена поради загриженост за можна злоупотреба.