Убиство во велешко Виничани – по расправија со автомобил удрил во жртвата и го убил на лице место

|

Велешкото Обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен жител на селото Виничани поради убиство.

На 19 јули, како што информираа од Обвинителството, настанала вербална расправија за водоводна цевка во селото меѓу таткото на осомничениот и жртвата, по што осомничениот заминал дома, го зел автомобилот Фиат панда сопственост на неговиот татко и со многу голема брзина се упатил директно кон оштетениот, намерно удирајќи го со возилото.

При ударот, оштетениот со глава удрил во ветробранското стакло на автомобилот, излетал во воздух и се закачил на жичана ограда од двор, по што паднал на земјата, здобивајќи се со многу тешки телесни повреди од кои починал на лице место.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците на настанот, но и веројатност дека би можел да го повтори или да стори ново кривично дело.​