Учениците во училиштето „Мирче Ацев“ имаат греење до 15 часот, надлежните демантираат

|

Родители на ученици во скопското основно училиште „Мирче Ацев“, кои сакаа да останат анонимни, се жалат дека нивните деца се греат со парно за време на наставата само до 15 часот. Тие за Телма рекоа дека проблемот со греењето е поради наредба на градоначалникот на Ѓорче Петров, да се исклучува парното за време на втората смена, за да се штеди нафта. Според нив, од Општината преку Советот на родители до сите родители и старатели на 720 ученици била испратена анкета за да се изјаснат дали сакаат нивните деца да се греат на парно и после 15 часот, за што требало потписи од 60% од родителите.

Директорката на училиштето „Мирче Ацев“, демантира дека постои проблем со греењето. Вели дека набавуваат доволно нафта секоја година за целата грејна сезона и дека градоначалникот Александар Стојкоски не правел притисок за гаснење на парното во 15 часот. Според неа до сега парното се гасело во 15 и 30 часот, а по барањето од членови на Советот на родители кое пристигнало на 3 февруари, греењето е продолжено до 17 часот.

ВО 06 И 30 ЧАСОТ ВАНЧО ЛОЖАЧОТ ГО УКЛУЧУВА ПАРНО ГРЕЕЊЕТО И ХАУС МАЈСТОРОТ ЗОРАН ТОДОРОВСКИ ВО 17 ЧАСОТ ГО ИСКЛУЧУВА. ПРЕТХОДНО ТАКА ФУНКЦИОНИРАЛО, СО ТОА ШТО ВО 15 И 30 ЧАСОТ СЕКОГАШ СЕ ИСКЛУЧУВА ПАРНО ГРЕЕЊЕТО. ТАКА ШТО ИМАМЕ ПОСТАВЕНО И ТЕРМОМЕТРИ ВО УЧИЛИШТЕТО, ЈА МЕРИМЕ ТЕМПЕРАТУРАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА ЃУРГИЦА БАТАЛАКОВА.

Телма од свој извор дознава дека проблемот во јавноста го направиле наставниците кои само го искористиле Советот на родители, со цел греењето да продолжи подолго зашто училниците често се оладуваат поради проветрувањето. Но, нашиот извор вели дека со продолженото загревање до 17 часот постои опасност нафтата да се потроши пред време и да нема доволно за целата грејна сезона.

И од Општината Ѓорче Петров велат дека градоначалникот не барал намалување на греењето во „Мирче Ацев“ и дека училиштето има добра изолација и многу грејни тела во училниците и ходниците за задржување на топлината до 18 часот, кога завршува втората смена.

Од МОН велат дека годинава за разлика од лани, за 33 % се зголемени сретствата кои општините ги добиваат преку блок дотации за покривање на трошоците на училиштата.

Сотир Трајков