УХМР со предупредување: Вечерва ќе врне многу дожд – движете се претпазливо

|

До крајот на денот, за време на вечерните и ноќните часови, како и во текот на утрешниот ден, во поедини места од земјава (претежно во северозападните делови) се очекува локална нестабилност со пороен дожд, засилен ветер и во форма на невреме, информираат од УХМР вечерва.

„Доколку поројните врнежи просторно се сконцентрирани во некои од градските урбани средини, можни се локални, изолирани проблеми во населените места, а исто така можно е и зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците низ земјава.

Предупредуваме на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, како и низ урбаните средини каде се можни локални краткотрајни но интензивни врнежи од дожд во попладневните и вечерните часови на денов“, се наведува во соопштението на УХМР.