Управата за хидрометеролошки работи за утре најавува слично време како денеска- претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со појава на град, а ќе дува и умерен ветер од североисточен правец.
Во следните денови според УХМР ќе следува период на стабилно и сончево време, во петок и за време на викендот со умерен до засилен северен ветер.
Инаку, утре поради најавен протест на група граѓани со блокирање нa крстосницата на булеварот „Србија“ со булеварот „Борис Трајковски“ во времето од 07.00 часот сообраќајот ќе биде пренасочен по локален пат кон Горно Лисиче, булеварот „12-та Македонска Бригада“, булеварот „Трета Македонска бригада“ и улицата „Народни херои“, информираат од МВР.
Од Министерството апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Исто така Ј.П. Македонија Пат известува дека поради изведување на градежни работи на пат ( асфалтирање ) на регионалниот патен правец Р2344, населба Чашка – с. Голозинци, од 26.06.2019год. ( среда ) сообраќајот ќе биде во прекин секој работен ден освен во недела од 10 – 16 часот во наредните два месеци.
Согласно добиеното одобрението за измена на режим на сообраќај, (Основен сообраќаен проект за измена на времен режим на сообраќај на дел од ул. “Ѓорче Петров” во Скопје поради реконструкција на улицата на потегот од крстосница со ул. “Никола Пушкаров” до крстосница со ул. “Сарај” во Општина Ѓорче Петров) ќе се започне со изведување на градежни активности на ден 28.06.2019 (петок) реконструкција на ул. “Ѓорче Петров” на потег од крстосница со ул. “Никола Пушкаров” до крстосница со ул. “Сарај” во Општина Ѓорче Петров во времетраење од 30 дена.