УХРМ: За денеска поројните дождови заминаа, утре поплдне се одново

ИЗВОРСкопје24
|

Повеќе места во државата попладнево беа зафатени од невреме со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Град имаше во светиниколското, кратковското, скопското, валандовското, велешкото и кавадаречкото подрачје.

До 20 часот најмногу дожд наврна во Маврово, Крива Паланка, Демир Капија и Прилеп (25 l /м2 воден талог во Маврово, 18 во Крива Паланка, 13 во Д. Капија, 9 Прилеп, 8 во Скопје- Петровец, 6 Ѓуриште, 4 Скопје на Зајчев Рид, 2 Берово и 1 литар во Струмица).

Управата за хидрометеоролошки работи најавува и во вечерните часови наместа нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Преку ноќта се очекува стабилизирање на атмосферата над нашето подрачје.

Утре претпладне се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност, додека попладне на повеќе места повторно ќе има нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. Минималните температури ќе се движат од 12 до 19 степени, а максималните од 27 до 34 степени. УВ индексот ќе биде 7. Во Скопје слично време со температура од 17 до 31 степени.