Управата за јавни приходи продава движни и недвижни предмети запленети по основ на ненаплатени даночни долгови на јавна аукција. На аукцијата може да учествуваат лица кои успешно се регистрирале и претходно уплатиле депозит во висина од 10% од утврдената вредност на движните/недвижните ствари, најдоцна до 20.05.2019 година (понеделник).
На распродажбата се нудат автомобили како Ауди за 56 000 денари, Мерцедес за 59 500 и комбе Мерцедес за 80 000 денари. На аукцијата ќе се наддава и за телевизори, компјутери, лап топи, компресори, па дури и машина ЦНЦ за обработка на дрво, пластика и лесни метали.
Стварите се продаваат по систем видено-купено, а дополнителни рекламации нема да се примаат.
Целата листа на предмети можете да ја погледнете на официјалната веб страница на УЈП – ТУКА.
Инаку, од први април Управата за јавни приходи, започнува со доставување на претпополнетите годишни даночни пријави за остварени приходи во 2018 година. Оваа постапка е нова и се воведува од годинава.
Како конкретно ќе се одвива и што да очекуваат граѓаните? Во текот на месецот, граѓаните треба да добијат нотификација на мејл адресата за доставена претпополнета пријава на нивниот профил во електронскиот систем на даноци. Потоа, најдоцна до 31 мај треба да ја потврдат пријавата или да извршат корекции.
„Комуникацијата помеѓу регистрираните физички лица кои се регистрирани на системот еперсонален данок и Управата за јавни приходи ќе се одвива преку електронски пат и граѓаните нема да имаат потреба да одат на даночните шалтери. Граѓаните ќе имаат можност за увид во податоците коишто се наведени во претпополнетата пријава, со цел да ги потврдат или коригираат податоците. Даночниот обврзник својот одговор во смисла на корекции или потврда ќе може да го испрати преку електронски пат“, објаснуваат од УЈП.
Доколку граѓаните не испратат возвратен мејл до УЈП, ќе се смета дека пополнетата годишна даночна пријава е потврдена. Во случај на заборавена лозинка за влез во системот е-ПДД, граѓаните ќе можат да се обратат во контакт центарот на УЈП од каде ќе добијат нова лозинка со којашто ќе може да го користат системот.