УЈП затвори уште еден ланец маркети – детали за акцијата

|

Маркети на ланецот „Кипер“ во Скопје, но и во други градови во државата, вчера вечерта се запечатени со жолти ленти на УЈП, додека трае пописот и контролата на инспекторите околу тоа дали овие маркети се придржуваат до владините мерки за укинување на маржата на одредени основни прехранбени производи, објави порталот Скопје1.

Ниту УЈП, ниту „Кипер“ досега не се огласија за контролите во компанијата, кои доаѓаат два дена по големата слична акција во маркетите „КАМ“, во која директорката на УЈП, Сања Лукаревска, рече дека биле ангажирани триста инспектори на Управата.

Од УЈП, како и во изминатите денови, велат дека дека главната цел на контролите е да се заштитат граѓаните од плаќање на данок за производи кои не подлежат на ваква давачка со одлука на Владата. Се врши увид во состојбата со залихите на трговската стока во магацините и продавниците со цел да се утврди фактичката состојба и да се изврши споредба со книговодствената евиденција. Според Управата, паралелно се вршат контроли и кај голем број други трговци, а инспекторите досега откриле дека дел од маркетите во државата и натаму пресметуваат ДДВ од пет проценти на дел од производите кои со владина уредба се ослободени од секакви давачки кон државата.

„Инспекторите постапуваат по пријави на граѓани и извршуваат увид и контрола, секаде каде што веќе имаше укажување и сомневање дека постојат индиции за непочитување на законите при работењето. Управата за јавни приходи ќе продолжи со континуирани контроли на терен со цел заштита на стандардот на граѓаните. Целта на контролите не е да се казнува, туку да се укаже на сите даночни обврзници дека законот мора да се почитува“, се додава во информацијата од УЈП.