Експремиерот и азилант Никола Груевски нема да биде екстрадиран од Унгарија, одлучи тамошниот суд на денешното рочиште. Груевски ќе биде пуштен на слобода. Рочиштето е во тек и се образложува одлуката која е донесена.
„Условите за екстрадиција не се валидни“, рече судијката.
Утрово, судот издаде наредба за приведување на Груевски, кој беше спроведен до судницата со две лица, кои најверојатно, се дел од безбедносните служби на Унгарија. Груевски бил приведен во т.н. 11 област во Будимпешта.
Рочиштето е затворено за медиумите, но одлуката е јавно соопштена.
Минситерството за правда бара екстрадиција за Груевски за тој да ја одлежи двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на СЈО, но и за организација на инцидентите во Собранието на 27 април.
Како што информираат унгарските медиуми, тој денеска пристигна во судот и го следеше судењето со безбол капче и очила за сонце. Забележливо беше дека пред себе носи палто, поради што се претпоставува дека рацете му се во лисици. Тој одбил да даде изјава за новинарите.
Инаку, на почетокот од судењето неговите адвокати побарале да се исклучи јавноста од сослушувањето поради сензитивни информации, кои наводно би се соопштиле. Обвинителите не се противеле на тоа и судот донел одлука рочиштето да биде затворено за јавност.
Унгарските медиуми објавија и видео од приведувањето на експремиерот Никола Груевски во Будимпешта, а истото можете да го погледнете ТУКА.