УНИКАТНО: Ќерката на Нина Јанева ќе се вика како омилениот лик од „Игра на тронови“

ИЗВОРСкопје24
|

Пејачката Нина Јанева и нејзиниот сопруг наскоро ќе станат родители.

Таа веќе е во шестиот месец од бременоста, а го откри и полот на бебето. Нина и Александар веќе знаат кое име ќе го добие нивната прва ќерка.

-Со сопругот уште од пред две години знаевме дека ако имаме ќерка ќе ја крстиме Арија. И двајцата сме големи фанови на серијата „Игра на тронови“, а токму Арија е и мојот омилен лик. Знам дека мојата ќерка ќе ја поседува нејзината храброст и борбеност, поради тоа и решивме да ѝ го дадеме тоа име, откри пејачката во изјава за „Убавина и здравје“.

Иако е во поодмината бременост, Нина е поприлично активна и се уште настапува, односно закажаните настапи за летово планира да ги одработи, а некаде после средината на август заминува на заслужен одмор. Терминот за породување е кон средината на септември.

Инаку, пејачката во октомври минатата година стапна на лудиот камен, но уште тогаш изјавуваше дека сака неконвенционална свадба, а на социјалните мрежи објави само неколку интимни фотографии од венчавката.

-Јас сум за некласична свадба со вистински луѓе. Ќе има и традиционална македонска музика, секако без турбофолк и непотребни моменти. Семејството на Александар е големо, речиси двапати поголемо од моето, што значи дека планирам провод за сите генерации, изјави Нина во една прилика.