Управната зграда на штипски „Исар“ може да остане без струја – пумпите на бунарите не смеат да се исклучат

|

Доколку во рок од 90 дена најголемото комунално претпријатие на истокот, штипски „Исар“ не склучи договор со приватен добавувач за струја му се заканува мрак. Без струја може да остане управната зграда, а законски пумпите на бунарите, од кои Штип се снабдува со вода не смеат да се исклучат.

Првиот човек на „Исар“, Трајче Здравков на прес-конференција укажа на можните црни сценарија од енергетската криза. Поради едностраното раскинување на договор од страна на добавувачот на струја, ова комунално претпријатие во наредните три месеци ќе ја користи електричната енергија од ЕВН.

Исар наместо четири милиони, сега за струја ќе плаќа околу 15 милиони денари, што е и сериозен удар врз претпријатието, кое и неликвидно. Спасот се гледа во конечно приклучување на Хидросистемот Злетовица и штипјани вода да добиваат од браната Кнежево, а не од бунарскиот систем.

Штипски Исар се дави во долгови, кои изнесуваат 280 милиони денари, за два месеци се вратени сано 16 милиони, дополнителен стрес се и високите сметки за струја, кои претстојат.

ЗЕЛС вчера ја повика Владата да помогне на општините, кои ќе се соочат со сериозни проблеми, бидејќи под нивни ингеренции не се само јавните претпријатија, туку и училишата, градинките и дел од културните институции.

Викторија Јованова