Овие тројца битолчани, вистинско чудо е ако во ист ден од годината ги лоцирате во градот во кој се родени и во кој имаат постојана адреса на живеење. Нивните животи се одвиваат по аеродроми, хотелски соби и спортски арени. Секој од тројцата има своја меѓународна спортска кариера, а ниту еден не е активен спортист. За нив знаат тука, но повеќе знаат во странство. По образование се пред прагот едниот да стане адвокат, другата е веќе дипломиран економист, а третиот градел кариера одлагајќи го формалното студирање. Денес заработуваат солидно од своето хоби, објавува Иновативност.
Анета Павловска – интернационален тениски судија
Даниело Божиновски – европски континентален ракометен судија
Зоран Мишевски – спортски новинар
Анета: “Јас сум личност која особено ја почитува слободата во животот. Кога имате хоби кое Ве исполнува, го правите со љубов и се чувствувате слободно, а не заробени во некаков систем, а притоа Ви овозможува живот кој од секогаш сте го посакувале, зошто да не ви стане професија?Нели е подобро да отидеме и видиме, а не да слушаме што луѓето прераскажуваат. Јас во оваа работа најдов сé што отсекогаш посакував. Кога си мала, сите те прашуваат што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш…еве јас сакав да го пропатувам светот, па сега го живеам својот сон.”
Даниело: “Играв ракомет како дете, па на крајот на тренинзите често го земав свирчето од тренерот, за да на 14 години положам за судија под менторство на мојот драг Јован Василев, а на 19 години да го имам својот прв меѓународен турнир, светското училишно првенство во Хрватска, заедно со тогашниот колега Ѓорги Чалдров. Судевме за 5 место, бевме најмлади на тој турнир. Но, уште учам за мене е ова непрекинат процес, човекот на кој му должам многу и денес е Драган Начевски. Под негово менторство и со негова помош продолжувам да ја развивам кариерата на судија заедно со мојот колега Виктор.
Зоран: “Отсекогаш сакав, а со текот на времето бев убеден дека претсчувството не ме лаже и ќе ја изберам професијата спортски коментатор. Едноставно пресилна беше врската која уште од најмали нозе ја создадов со овој свет и не сакав да се откажам. Прво се обидував да ги имитирам познатите југословенски ТВ и радио коментатори, а потоа да создавам мој стил на коментирање и пренесување на спортските настани.”
Колку патувате годишно, имате ли лична статистика на летови, градови и број на променети пасоши?
Анета: “Од 8 до 9 месеци јас сум надвор од Македонија. Доволно да кажам дека сум граѓанин на светот. Број на летови?!? … Хммм, со откажаните или ?!? Малку шега, но не знам многу се. Пасош менувам секои две години и тоа го сметам како работна обврска.”
Даниело: “Еднаш до два пати месечно, отсутен, најчесто авионски релации, а од берење нешта, сега собирам само милји.”
Зоран: “Многу често, месечно на неколку локации, мај и септември целосно отсутен од дома, заради концентрацијата на настани во тие два месеци. Често патувам од еден на друг настан, што заради заштеда на време, но и на средства. Обично агендата ми е однапред планирана и купувам билети и резервирам хотели, многу месеци однапред. Тоа е едно менаџирање кое одзема многу енергија зошто го правам сам. Немам бројка на летови и градови.”
Целиот текст прочитајте го ТУКА.