Уште пет дена важат „замрзнатите“ цени на храната – владата размислува дали да ја продолжи

|

На пет денови пред да прекине важноста на одлуката со која под „мраз“ се ставија цените на неколку основни прехрамбени производи – од владата без одговор дали ќе ја продолжат или ќе интервенираат со други мерки. Дека е краткорочна мерка која не е добро да се продолжи алармираат и бизнисмените и експертите. Порачуваат да се размислува за други мерки како таа за интервенција од стоковите резерви.

СТАНУВА ЗБОР ЗА КРАТКОРОЧНИ МЕРКИ, ЗНАЧИ НЕ МОЖЕ ИСТИТЕ НА ДОЛГ РОК ДА ОБЕЗБЕДАТ ОДРЖУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА НЕКОЕ СТАБИЛНО НИВО, ЗАТОА ШТО ДОКОЛКУ НЕМА ДОПОЛНИТЕЛНИ АКТИВНИСТИ ЌЕ СЕ СООЧИМЕ СО НЕДОСТАТОК ИЛИ ПРАЗНИ РАФТОВИ ЗА ОДДЕЛНИ ПРОИЗВОДИ КАДЕ ШТО НЕЛИ ТРОШОЦИТЕ СЕ ПОВИСОКИ ОД ЛИМИТИРАНАТА ЦЕНА. ДОКОЛКУ НЕМА ПОРАСТ НА ПЛАТИТЕ ЈАСНО Е ДЕКА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГО ПОЧУВСТВУВААТ ОВА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ КАКО НЕИЗБЕЖНО НАМАЛУВАЊЕ НА НИВНИОТ ЖИВОТЕН СТАНДАРД, ВЕЛИ УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ ПРОФЕСОР ЗОРАН ИВАНОВСКИ.

Според експертите, владата нема многу механизми за справувење со инфлацијата. Велат време е по примерот на другите земји да се вклучи Народната банка. Еден од инструментите е „ поскапување на парите“ односно раст на основната каматна стапка.

МОЖЕ ПОЛЕКА ДА СЕ ОЧЕКУВА, БИДЕЈЌИ ТОА ГО НАЈАВУВААТ И ДРУГИТЕ ЦЕНТРАЛНИ БАНКИ ПОЛЕКА ЗАОСТРУВАЊЕ И ЗАТЕГАЊЕ НА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА И БЛАГО ПОКАЧУВАЊЕ НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ. ОВА ЌЕ ПРЕДИЗВИКА СЕПАК ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРИТИСОК НА ЦЕНИТЕ КАКО И ДА Е ЌЕ ИМА И ДОБРИ И ЛОШИ СТРАНИ, ОСОБЕНО ЌЕ БИДАТ ПОГОДЕНИ ОНИЕ КОИ СЕ КОРИСНИЦИ НА КРЕДИТИ СО ПРОМЕНЛИВА КАМАТНА СТАПКА ЗАТОА ШТО НИВНАТА ОПТОВАРЕНОСТ И ОБВРСКА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ ИВАНОВСКИ.

Од Народната банка пак смируваат. Нема потреба од промена во основната стапка. Но има потреба од будно следење на состојбата.

ДОКОЛКУ РАСТОТ НА ЦЕНИТЕ Е ОД ПРОДОЛЖЕН КАРАКТЕР И ПОЗНАЧИТЕЛНО ВЛИЈАЕ НА ИНФЛАЦИСКИТЕ ОЧЕКУВАЊА, НАРОДНАТА БАНКА Е ПОДГОТВЕНА ЗА СООДВЕТНА РЕАКЦИЈА СО ИНСТРУМЕНТИТЕ СО КОИ РАСПОЛАГА, СООПШТИЈА ОД НБРМ.

Владата „под мраз“ ги стави цените на лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, млекото, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата. А потоа и на јајцата, оризот и тестенините. Одлуката ја донесе на почетокот на минатиот месец, а важи до понеделник.

Александра Филиповска