Уште се трага по третиот Македонец кој исчезна на Халкидики

|

И денеска продолжува спасувачката акција и потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, во Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако вчера и завчера беа пронајдени живи неговите двајца пријатели.

Вчерашната акција, во вода, од воздух и на копно, на грчката крајбрежна служба, на вое ното воздухопловство, на спасувачки тимови и волонтери во Посиди, не донесе резулата во обидите да се пронајде 28-годишното момче.

Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека потрагата „ќе продолжи со разденувањето“, а за било каква разврска ќе информираат со ново соопштение.

Во однос на пронаоѓањето на 30-годишниот Иван, од крајбрежната служба објаснуваат дека бил лоциран вчера во утринските часови од хеликоптер на военото воздухопловство, во морската област околу 15 наутички милји западно од Посеиди.

Првично бил преземен од танкер, а потоа префрлен на патролен чамец на крајбрежната служба и пренесен на пристаништето во Неа Скиони.

Како што вчера објави МИА, спасениот со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, стапна на копно, а на пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.

Додека траеше акцијата и потрагата, на еден од чамците на спасувачките екипи, беа и братот и таткото на спасениот, кои од Македонија пристигнале на Халкидики.

Во однос на тоа како 30-годишниот преживеал 19 часа во вода, градоначалничката на општина Касандра Анастасиа Халкиа откри дека мала топка му го спасила животот.