Утре од 13:00 до 14:00 часот ќе има едночасовна блокада низ цела држава.
Оваа информација вечерва ја соопшти поранешниот амбасадор Ивица Боцевски кој се обрати пред присутните на протестот „Ултиматум – НЕ Благодарам“.
Сепак, засега нема детали каде точно ќе има блокади, но Боцевски вели тие ќе бидат низ цела Македонија.
-Ве повикуваме, утре ќе ве информираме каде ќе бидат и како ќе течат блокадите. Ќе ја блокираме цела Македонија, додека нашите храбри пратеници се борат во Собранието за нашите интереси, за одбрана на македонскиот јазик, на македонскиот народ и на македонската држава. Да живее Македонија, рече Боцевски.
Протестот почна пред Владата, по што учесниците се упатија пред Министерството за правда и зградата на Собранието, каде доцна попладне Владата ја испрати предлог преговарачката рамка, но седница не е закажана.