Протоколите за работа во угостителите објекти утре се на дневен ред на владина седница. Владата треба да реши, кога кафеаните и баровите ќе бидат отворени, колку гости ќе може да прими еден објект и кое ќе биде работното време. Угостителите имаат голем број забелешки. Спорно за нив останува тоа што Комисијата за заразни болести налага во 10 метри квадратни да има само една маса со четири столици.
Угостителите пак, бараат да се одреди на која дистанца треба да биде столче до столче на соседна маса. За угостителите е проблематично и тоа што ако се четири лица на едена маса, дека ќе мора да бидат од потесниот круг на семејството.
„На таа една маса која треба да се стави на 9,6 метри квадратни е да седат двајца. Тука исто не ја гледаме логиката. Ставена е одредба доколку е семејство или тие што седат на масата се семејство ќе може да седат четири лица. Е тука има доста спорни точки. Ние немаме овластување да ги легитимираме гостите, дури и доброволно да се легитимираат сами, навлегуваме во други работи. Има Закон за семејство, има вонбрачни заедници“, вели Мартин Ангеловски угостителска комора при ССК.
Од Комората на угостители уште еднаш и порачаа на Владата дека треба да им дозволи рестартирање на дејноста, но со економска исплатливост. Револтот кај угостителите порасна откако власта дозволи отворање на моловите, возење со јавен превоз, автошколи, одржување семинари на затворено и функционирање на сектори кај кои има драстично послаби заштитни мерки во однос на угостителството. Угостителите нагласуваат дека бараат да работи и внатрешниот дел од локалот, а не само терасата. Уверуваат дека идентично, ако треба и двојно повеќе ќе го дезинфицираат тој простор само да може да работи нивниот објект во целост.
Угостителите сметаат дека протоколите се така скроени да може инспектор во секое време да најде неправилност и да биде во можност да изрече глоба за угостителскиот објект.