Професорите и кандидатите за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), Петар Атанасов, Драги Диметриевски и Вујица Живковиќ, соопштија дека нема да учествуваат на изборите кои треба да се одржат утре.
Тие реагираа дека постапката за избор на нов ректор на УКИМ континуирано се спроведува во необјективна, нетранспарентна и нефер процедура.
-Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје ги живее своите најцрни денови. Хипокритски методи наместо хипократовски пристап, уценети органи и тела на Универзитетот, притисоци од најтежок вид, злоупотреба на најхуманата професија за лични цели. Глумење демократија, немање траснпарентност, лош менаџмент, слаби резултати на секој план, велат тројцата кандидати за ректор.
Според нив, континуирано, од март годинава, спротивно на Законот за високо образование, на Статутот на Универзитетот, како и на други закони и акти, но особено спротивно на елементарните демократските практики, на УКИМ му е одземено правото да добие ректор во транспарентна, објективна и фер процедура.
-Професорите и студентите се спречени директно да се запознааат со програмите на кандидатите, да им постават прашања, а кандидатите да дебатираат меѓусебно за сите теми. На нашите колеги им е оневозможено да одлучат врз основа на информирана определба. Изминативе денови, очекувавме министерот за образование и наука Арбер Адеми, Државниот просветен испекторат како надлежна институција, како и останатите институции во државата да преземат дејствија во правец на заштита на законитоста, односно на сопирање на постапката за избор на ректор на УКИМ. За жал, до овој момент тоа не се случи. Поради тоа, наша морална и академска должност е да преземеме чекор со кој нема да бидеме соучесници во вакви скандалозни избори и ќе ги заштитиме колегите од притисоци и можни законски и други последици. Ние, кандидатите за ректор, јавно изјавуваме дека ниту ги признаваме, ниту ќе учествуваме на вакви недемократски избори за ректор на УКИМ, закажани за утре, 26.06.2020, со кои му се нанесува огромна штета на нашиот универзитет, велат тројцата кандидати.
Тие ги повикуваат колегите – наставниците, соработниците и студентите, како и сите членови на изборните комисии да останат достоинствени и да не учествуваат во утрешниот недемократски, нелегален и насилен обид од страна на Ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија на ваков начин да се избере идниот ректор на УКИМ.